УКРАИНЦИТЕ СЕ (НЕ)СПОСОБНИ !? – Тешки зборови од врвен западен дипломат: “Тие сè уште не ја пробиле првата руска линија… Сè уште веруваме во нив, но…“
Повеќе од неколку недели по почетокот на долгоочекуваната украинска контраофанзива, меѓу западните сојузници почнаа да кружат сè поотрезнувачки разузнавачки проценки за (не)способноста на украинските сили да ја вратат контролата врз значителни делови од окупираната територија, пишува CNN повикувајќи се на свои извори.
„Во наредните недели ќе видиме дали украинските сили имаат шанса за некаков напредок. Но, мислам дека е многу малку веројатно Украина да постигне напредок на фронтот што би го променил односот на силите во оваа војна“, изјавил за CNN висок западен дипломат.
„Нашите брифинзи се отрезнувачки. Ова е најтешкото време од војната“, тврди Мајк Квигли, демократски претставник од Илиноис, кој неодамна се врати од Европа каде што се сретна со американски команданти кои ги обучуваат украинските оклопни единици.
Украинските сили постојано се соочуваат со тешкотии во пробивањето на повеќеслојните руски одбранбени линии во источните и јужните делови на земјата, каде што Русите „посеаа“ десетици илјади мини и изградија огромна мрежа од ровови. Украинските сили таму трпат неверојатни загуби, поради што украинските команданти повлекоа некои единици од линијата на фронтот, со цел да се прегрупираат и да го намалат бројот на загинати и ранети, пишува CNN.
„Русите имаат низа одбранбени линии, а украинските сили всушност не ја скршија ниту првата. Дури и ако продолжат со нападите во наредните недели, колку е веројатно да се пробијат со исцрпени сили кога не можеле во изминатите седум или осум недели ? Условите во кои се борат се многу тешки“, вели висок западен дипломат за CNN.
Друг висок американски функционер вели дека САД ги препознаваат тешкотиите со кои се соочуваат украинските сили, но и дека остануваат со надеж дека ќе се пробијат.
„Сите знаеме дека ова оди потешко и побавно отколку што некој би сакал, вклучително и Украинците, но сепак веруваме дека има време и простор за напредок на бојното поле“, вели тој.
Западните официјални лица велат дека бавниот напредок на украинската Армија, исто така, ја изложил тешкотијата да се трансформираат украинските сили во комбинирани механизирани борбени единици.
„Недостигот на напредок на теренот е една од причините зошто украинските сили почесто напаѓаат внатре во руската територија за да се обидат да ја покажат руската ранливост“, тврди американски воен претставник за CNN.
Првиот човек на украинските вооружени сили, генерал Валериј Залужни, му рекол на началникот на Здружениот генералштаб на САД, генерал Марк Мили, дека – „украинските сили чекор по чекор создаваат услови за воено напредување“.
„Нашите војници даваат се од себе. Непријателот извршува напади во повеќе правци, но безуспешно“, изјавил Валериј Залужни.
Зборувајќи за ситуацијата на јужното бојно поле, Валериј Залужни тврди: „Тешките борби продолжуваат, украинските војници чекор по чекор продолжуваат да создаваат услови за напредување. Иницијативата е на наша страна“.
Како и да е, факт е дека најновите разузнавачки проценки претставуваат значителна промена во однос на оптимизмот што владееше пред и на почетокот на украинската летна контраофанзива.
Некои официјални лица стравуваат дека зголемениот јаз меѓу очекувањата и резултатите од воените напори на Украина ќе ја поттикне „играта за обвинување“ меѓу украинските официјални претставници и нивните западни сојузници, што би можело да создаде поделби во сојузот кој во голема мера остана недопрен по речиси две години војна.
Минатиот месец на Безбедносниот форум во Аспен, украинскиот претседател Володимир Зеленски го наведе бавното пристигнување на понапредни вооружени системи од Запад како причина за бавниот напредок на украинските сили.
„Планиравме да започнеме со контраофанзива напролет, но тоа не се случи затоа што немаме доволно муниција и оружје, а немаме ни доволно обучени бригади за ракување со ново оружје“, кажа Володимир Зеленски.