УНГАРИЈА ЗБЕСНА ОД ПОТЕГОТ НА БУГАРИЈА – Ризикот за Македонија и Србија се зголемува: “Ова е непријателски чин!“
Првиот човек на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, најавата на Бугарија во петокот дека ќе воведе данок за транспорт на руски гас преку нејзина територија ја нарече „непријателски чин“ што ја доведува во прашање европската солидарност и е против европските регулативи кои не дозволуваат воведување на даноците и царина меѓу членките на ЕУ.
Петер Сијарто на заедничката прес-конференција по разговорот со српската министерка за енергетика, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, оцени дека Бугарија донела одлуки кои ја загрозуваат безбедноста на снабдувањето со гас на Македонија, Србија и Унгарија, што е неприфатливо.
„Никој нема право да го доведува во прашање снабдувањето со енергија на една земја, а Бугарија воведе данок за транзит на руски гас без претходна најава, со што ја загрозува безбедноста на снабдувањето на Северна Македонија, Србија и Унгарија“, порача првиот човек на унгарската дипломатија.
Тој вели дека Унгарија се обратила до Европската комисија, а со Србија е договорена натамошна координација на следните чекори и заеднички одговор.
„Се надеваме дека европските правила ќе се почитуваат и во овој случај“, потенцира Петер Сијарто, заблагодарувајќи и се на Србија за нејзиниот сојузнички пристап во однос на соработката за безбедно снабдување со енергија.
Српската министерка за енергетика, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, го истакна пријателството и исклучително добрите односи со Унгарија, особено во услови на енергетска криза кога важно е да има партнери на кои можете да се потпрете.
Таа посочи дека резервите на гас што Србија ги чува во изнајмени магацини во Унгарија се поголеми од лани и со зголемени залихи на домашниот пазар сега достигнуваат околу 680 милиони кубни метри, што е значајно за економијата и граѓаните во пресрет на претстојната зимска сезона.
„Унгарија смета на безбедни испораки на гас преку Балканскиот поток преку Србија, а тема на разговор беа и можностите за дополнителни капацитети за потребите на Унгарија“, вели Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.
Според неа, Србија официјално се обратила до Енергетската заедница во врска со данокот воведен од Бугарија, додавајќи дека „ова прашање е и на масата на Европската комисија“.
Таа очекува гасната интерконекција Србија-Бугарија, преку која гасот ќе стигне до Србија, да профункционира до крајот на ноември.
На средбата се разговараше и за следење на реализацијата на проектот за изградба на нафтоводот Србија-Унгарија, кој ќе обезбеди дополнителна рута за испорака на сурова нафта на српскиот пазар.
„Почетокот на работите на изградбата на нафтоводот, кој е инвестиција вредна околу 150 милиони евра, очекуваме во втората половина на 2025 година, а планираниот капацитет е 5,5 милиони тони нафта“, изјави Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.
Пред два дена во Баку, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ потпиша договор за снабдување на Србија со гас од Азербејџан.