Претседателството на Унгарија со Европската унија под мотото „Да ја направиме Европа повторно голема“ го враќа проширувањето меѓу приоритетите. Унгарија, како претседавач, ќе се залага за доследна и заснована на заслуги политика на проширување оти ЕУ не може да биде целосна без прием на државите од Западниот Балкан.
За време на унгарското претседателство земјите од регионот ќе бидат канети на консултации во рамки на самитот на ЕУ-Западен Балкан, и ќе се одржат меѓувладини конференции со кандидатите. Унгарија смета дека основен интерес на унијата е да се одржи стабилноста на непосредното соседство и Западниот Балкан, во догледна иднина да се приклучи на ЕУ.
Останатите шест приоритети на унгарското претседателство се однесуваат на новиот европски договор за конкурентност, зајакнување на европската одбранбена политика, спречување илегална миграција, регионален развој, земјоделска политика ориентирана кон земјоделците и решавање на демографските предизвици.