Првите индикатори во економијата со промената на власта се навистина изненадувачки позитивни во делот на растот на индустриското производство, преработувачката индустрија, растот на БДП, намалувањето на инфлацијата… наплатата на обврските од страна на институциите, Царината, УЈП и тоа охрабрува, вели премиерот Христијан Мицковски и посочува дека очекува покачување на платите во реалниот сектор.
Одлуката на Централната банка за намалување на референтната каматна стапка за 0,25 проценти, според Мицкоски, значи дека полека, но сигурно во овие два-три месеци состојбата се стабилизира и полека економијата заживува.
Мицкоски, исто така, нагласи дека очекува уште поголема економска активност во третиот и четвртиот квартал и поинтензивен раст на БДП и годината да биде завршена подобро од прогнозата на меѓународните финансиски институции.
Очекувам тоа да продолжи така, бидејќи сега во Парламентот помина заемот од 500 милиони евра. Веќе очекувам втора половина на октомври или првата половина на ноември да биде ставен во функција на македонската економија… и македонските компании да можат овој заем од 250 милиони евра да го користат, изјави Мицкоски по посетата на Кавадарци.
Со Министерството за финансии, како што посочи, се анализираат условите од банките за користење на заемот.
– Ги повикувам банките да бидат солидарни со бизнисот и македонската економија и каматната стапка со којашто е земен овој кредит, да ја имаат и тие, да не ја зголемуваат и калкулираат со трошоци, бидејќи и онака премногу трошоци се калкулираат. Доколку тоа не биде така, тогаш ќе одиме со Македонската развојна банка и со механизмите што ги имаме, ќе го започнеме овој проект, затоа што не сакаме македонската економија да биде дополнително оптоварена, изјави Мицкоски.