Унгарците одбија да ги примат американските сенатори

Членовите на унгарската влада одбија да се сретнат со американски сенатори кои беа во посета на Будимпешта

Двопартиска делегација на американски сенатори ја посети Будимпешта за да ја повика Унгарија веднаш да го одобри барањето на Шведска за влез во НАТО, но членовите на унгарската влада одбија да се сретнат со нив, пренесува АП.

Агенцијата наведува дека американските сенатори претходно најавија дека ќе поднесат заедничка резолуција до американскиот Конгрес со која ќе се осуди наводното назадување на демократите во Унгарија и ќе се повика владата на премиерот Виктор Орбан да ја укине блокадата на трансатлантската интеграција на Шведска.

Сенаторот од Њу Хемпшир, Жан Шахин, на прес-конференција рече дека е разочарувачки што ниту еден член на унгарската влада не ги прифатил поканите да се сретне со американската делегација.

Таа додаде дека „се надева и е оптимист“ оти пристапот на Шведска ќе биде ратификуван на 26 февруари на седницата на унгарскиот парламент. Сенаторот Крис Марфи од Конектикат рече дека одбивањето на членовите на владата на Орбан да се состанат е „чудно и вознемирувачко“, додавајќи дека останува на унгарскиот премиер да „протурка“ гласање за прием на Шведска во алијансата.

– Доволно сме мудри, во однос на политиката овде, да знаеме дека ако премиерот Орбан сака тоа да се случи, тогаш парламентот може да оди напред – рече Марфи.

Унгарија е единствената членка на НАТО која не ја ратификуваше кандидатурата на Шведска, поради што се соочува со зголемен притисок бидејќи за прифаќање на нова земја во Алијансата е потребно едногласно одобрување, наведува АП. За време на неговото обраќање до нацијата во саботата, Орбан навести дека унгарскиот парламент наскоро би можел да го ратификува барањето на Шведска.

– Добра вест е што нашиот спор со Шведска е при крај. Одиме кон ратификација на приемот на Шведска во НАТО на почетокот на пролетната сесија на парламентот – рече Орбан.