Универзитетски клинички центар на Србија: Пациентите од Кочани се во стабилна состојба, потребни им се до две недели лекување за да закрепнат

Д-р Милан Стојичиќ, директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија при Универзитетскиот клинички центар на Србија денеска изјави дека 17 повредени во кочанската дискотека се згрижени во Ургентниот центар на Универзитетскиот клинички центар на Србија.

Како што рече, двајца од нив се на механичка вентилација, додека двајца се оперирани и се во добра општа состојба.

„Нивниот постоперативен напредок се одвива без проблеми. Наредната недела најверојатно ќе бидат оперирани уште пет или шест пациенти. Имам и добри вести, некои пациенти можеби ќе можат да бидат префрлени на одделение бидејќи нивната респираторна функција успешно се опоравува, а изгорениците се такви што не бараат престој на одделението за интензивна нега“, рече д-р Стојичиќ.

Стојичиќ нагласува дека кај пациенти кои веќе биле оперирани, процедурата подразбира отстранување на девитализирано ткиво и покривање со автографт, што значи дека кожата им се зема од други места и им се пресадува на изгорените места.

Тој посочува дека на еден пациент дефинитивно ќе му биде извршена операција за околу пет дена, но од друга страна, едниот веќе е опериран.

Зборувајќи за пациентите кои чекаат операција, тој посочува дека нема да има потреба од донатори на кожа, туку тие самите ќе можат да бидат донатори, а дефектите ќе се затворат со автотрансплантација.

Конечниот резултат ќе биде видлив по 14 дена и по овој период опоравувањето ќе продолжи со помош на физикална медицина.