Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (УНРВА) предупредува дека ќе има уште многу смртни случаи во Газа поради блокадата на Израел врз палестинската територија.
„Луѓето во Газа веќе гинат во ракетни напади“, изјави Филип Лазарини, генерален комесар на УНРВА.
„Наскоро, многу повеќе ќе умрат од последиците на опсадата“, вели тој.
Храна, вода и лекови се во недостиг, вели тој, а патиштата во Појасот Газа се преплавени со канализација, и ја оквалификува ситуацијата како , „човечка трагедија“ и „пекол на земјата“.
Ситуацијата во Газа веќе беше лоша пред почетокот на војната, со околу 1,3 милиони луѓе зависни од хуманитарна помош. Речиси половина од 2,2 милиони жители на Газа се деца.
Работите се влошија за цивилите по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас.
„Што треба повеќе да се поддржи ? Пекари ? Опрема за одржување живот во болниците ? Постројки за вода? На сите им треба гориво за да функционираат“, вели Филип Лазарини.
Тој кажа дека помошта од неколку десетици камиони кои досега пристигнале во Газа го одвлекува вниманието од вистинските проблеми.
„Овие неколку камиони не се ништо повеќе од трошки што нема да направат разлика за 2 милиони луѓе“.