Успешен бизнис форум во Казерта: Македонија ги продлабочува економските врски со Италија

Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, во соработка со
CACIM – Camera di Commercio Italiana per la Repubblica di Macedonia del Nord, и со поддршка од
Регионалниот совет за соработка (RCC) и Светска банка, успешно организираше бизнис форум во
Казерта. Настанот привлече претставници од повеќе индустрии од агробизнисот и секторот за
преработки од храна, металната индустрија, електрониката, дрвната индустрија и финансискиот
сектор.

Форумот беше отворен од страна на Претседателот на Италијанско-македонската стопанска
комора, Енрико Петрела, кој го потенцираше значењето на економската соработка меѓу Италија и
Македонија, како и интересот на италијанските компании за проширување на своите
бизниси во Македонија.

Директорот на Агенцијата, Рефик Џемаили, во дел од своето обраќање изјави: “Односите меѓу
Македонија и Италија се засновани на взаемно почитување и соработка. Италија е наш
долгогодишен партнер, и веруваме дека Македонија може да биде клучен пат за
италијанските компании кои сакаат да ги прошират своите активности на Балканот и пошироко.”
На форумот од страна на Агенцијата беа презентирани детални информации за стратешките
предности на Македонија, поволната бизнис клима, потенцијалите за раст и развој во
клучните индустрии, како и стабилните макроекономски политики на земјата.

Пред бизнис заедницата и компаниите присутни на форумот свое обраќање имаше и
градоначалникот на Казерта, Џорџио Маглиока. Присуствуваа ценети гости од политичкиот и
општествениот живот во Казерта, претседатели на неколку стопански комори од Казерта и
регионот кои во своите обраќања ги споделија своите мислења за инвестициската клима во
Македонија, истакнувајќи ја политичката стабилност, бизнис-ориентираните политики на
Владата, склучените трговски договори со Европската унија и регионалните партнери како клучни
фактори за инвестирање.

Тие изразија оптимизам за идната економска соработка помеѓу Италија и Македонија,
нагласувајќи дека индустриите презентирани на форумот совршено се вклопуваат со
индустриските силни страни на Италија.

На форумот беше истакнат и значителен интерес за инвестирање во земјоделието, преработката
на храна и финансискиот сектор. Ова е само почеток на нови иницијативи и проекти кои ќе
придонесат за економскиот развој на двете земји.

24.09.2024 година – Во рамки на дводневната посета на Италија, директорот на Агенцијата оствари
посета на две компании од агробизнис секторот и секторот за преработка на храна, лоцирани во
Казерта, и ги претстави потенцијалите и можностите на Македонија. Едната компанија,
која од пред еден месец веќе е присутна со своите производи на пазарот во Македонија,
со можност за зголемување на своето присуство во нашата земја, додека втората компанија од
агробизнисот има потенцијал за поврзување со македонските компании и воспоставување на
деловна соработка.