– Уставните промени кои треба да се случат и кои се една од обврските што ги имаме како држава на нашиот евроинтегративен пат, треба да се направат колку може побрзо, без притоа во нив некој да гледа прилика за собирање евтини политички поени и да се обидува да ги врати во живот духовите од 90-ите кои резултираа со конфликтот во 2001 година, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Битиќи смета дека земјава треба да одлучи – дали сака да стане дел од европското семејство кое брои преку 500 милиони жители или да остане во матноста, како што истакнува, на сопствените конзервативни ставови кои биле дел од функционирањето векови наназад.
-Само за споредба, Хрватска пред многу години во Преамбулата на сопствениот Устав ги стави сите 22 малцинства кои живеат на нејзина територија и воопшто не гледам причина зошто ние не направиме сличен гест со кој во нашиот Устав ќе се отслика мултиетничкиот карактер на државата со сите свои атрибути. Гледајќи низ призмата на евроинтеграциите, ние тука треба да одлучиме, дали сме за следење на евроинтегративниот пат и дали сакаме да станеме дел од европското семејство кое брои преку 500 милиони жители, или ќе останеме во матноста на сопствените конзервативни ставови кои биле дел од функционирањето на овој регион векови наназад. Јас сум за опцијата за развој, потенцира Битиќи во интервју за „рацин.мк“.