Утре почнува летното сметање на времето

Летното сметање на времето почнува викендов, ноќта сабота спрема недела во 02:00 часот кога стрелките на часовникот ќе се поместат еден час напред и наместо 02:00 часот ќе биде 03.00 часот.

Промената на времето кај нас, како и во повеќето европски земји, се случува двапати во годината и тоа последниот викенд во март кога почнува летното сметање на времето и последниот викенд во октомври кога почнува зимското сметање на времето.

Годинава летното сметање на времето ќе трае до 26 октомври во 3 часот по полноќ.

Одлуката за воведување на летното сметање на времето е согласно Законот за сметање на времето („Службен весник на Република Македонија“ бр.17/96 и 16/97) и согласно европски директиви.

Освен кај нас, летното сметање на времето ќе го применат и поголем дел од европските земји, освен Русија, Туркије, Белорусија и Исланд. 

Сезонското менување на времето, покрај во Европа, се применува и во повеќето земји од Северна и Централна Америка, како и во повеќе други држави во светот. 

Европскиот парламент на 4 март 2019 година изгласа да биде укинато сезонското поместување на времето од 2021 година.

Но Советот на ЕУ сè уште нема донесено конечна одлука, па не е сосема сигурно кога ќе биде последното поместување на часовниците. 

Времето не се менува во Јапонија, Кина, Јужна Кореја, ниту во земјите од африканскиот континент.

Промените во телесниот часовник може да доведат до проблеми со спиењето кои траат со недели, а научните истражувања покажуваат дека постои зголемен ризик од срцеви и мозочни удари веднаш по преминувањето на новото време. 

Телесниот часовник, или деноноќниот ритам, се регулира преку изложеноста на светлина. 

Утринското сонце го ресетира ритамот, додека вечерната светлина го одложува лачењето на мелатонин- хормонот кој предизвикува поспаност. 

Со поместувањето на времето во март, телото тешко се приспособува на новиот ритам, што доведува до замор, недостаток на концентрација и зголемен ризик од хронични болести.

Истражувањата покажуваат дека недостатокот на сон е поврзан со зголемен крвен притисок, срцеви заболувања, дебелина и когнитивно опаѓање.