Утре ќе биде потпишан анексот на Договорот со којшто Коридорот 8 влегува во мрежата на главни коридори во регионот и во ЕУ
Држава која нема коридори и енергија не може да се развива, порачаа денеска од Владата.
Како што најави на брифинг за медиумите, министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски утре во Црна Гора ќе го потпише анексот на Договорот со ЕУ со којшто Коридорот 8 влегува во мрежата на главни коридори во регионот и во ЕУ, а тоа е и еден од аргументите на Владата за користењето европско знаменце за законските измени за проектот со „Бехтел и Енка“.
Во тој контекст, од Владата ја повторија пораката за важноста од заокружување на изградбата на коридорите 8 и 10д односно на четирите автопатски делници, што ќе ги гради Бехтел и Енка.
За проектот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ не се разговарало многу на неодамнешните средби во САД на владината делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, бидејќи, како што велат од Владата, станува збор за проект за кој има закон, а опозицијата прави блокади само за дневно-политички цели.
Од Владата повторуваат дека измените на петте закони се со европско знаменце бидејќи беа блокирани од опозицијата, а во тој процес, посочуваат дека ВМРО-ДПМНЕ се крие зад Левица која ги поднесува амандманите.
-Законските измени ќе ја забрзаат изградбата не само на овие, туку и на други проекти од национален интерес, велат од Владата од каде сметаат дека во некоја следна фаза финансирањето на овој проект ќе се дополни со европски средства и оти ќе се вклучат европски компании.
На средбата во Црна Гора, на којашто ќе биде потпишан анексот меѓу Северна Македонија и ЕУ, покрај министерот Бочварски, се очекува присуство на министрите за транспорт во регионот, како и на претставници на Транспортната заедница и на Европската комисија, при што ваков анекс ќе се потпише меѓу сите држави од регионот и Европската комисија.
Одлуката за потпишување на анексот со Европската унија, Владата ја донесе на седница на 10 мај годинава.