Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денес учествуваше на Самитот на Европската политичка заедница, што се одржува во Тирана. Но, она што е впечатливо е што во својата најава за учество на Самитот, Мицкоски никаде не ги споменува Тирана или Албанија.
Во својата објава на Фејсбук, Мицкоски пишува дека неговото учество на Самитот е потврда за неговата посветеност на активно учество во европските процеси и градење стабилно и просперитетно соседство.
„Денес учествував на Самитот на Европската политичка заедница, заедно со лидерите и претставниците на земјите од Западен Балкан. Самитот е посветен на промовирање на регионалната соработка, стабилноста и зближувањето со ЕУ, нагласувајќи ја важноста на заедничкото дејствување во услови на предизвици со кои се соочува нашиот континент.“
„Во отворената дискусија беа разменети мислења за клучни теми за зајакнување на поврзаноста на регионот со остатокот од Европа. Нашето присуство и учество на овој Самит е потврда за нашата посветеност на активно учество во европските процеси и градење стабилно и просперитетно соседство“, напиша Мицкоски, без да ја спомене локацијата на самитот.
Оваа негова објава беше дочекана со потсмев и од некои коментатори на неговата страница, кои напишаа дека се свесни дека местото на одржување на Самитот е Албанија, поточно Тирана.