Нов извештај во Стразбур за неспроведувањето на пресудите од Европскиот суд за човекови права во Бугарија.
Постојат долготрајни недостатоци во извршувањето одредени пресуди во врска со регистрацијата на одредени здруженија, што е прекршување на членот 11 од Европската конвенција за човекови права. Имено, кипарскиот пратеник Констатинос Ефстатиу од групата на социјалистите во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во својата елаборација вчера пред оваа институција, мислеше токму на серијата на пресуди на ЕСЧП за Македонците од Бугарија, на неизвршувањето на пресудите од страна на Софија, како и на неуспешните обиди на Македонците во Бугарија да регистрираат здруженија или политички партии. Тој во својот настап пред целата европска јавност ги истакна и Бугарија и Грција, како негативен пример.
– Може особено да се наведе систематското одбивање, повеќе од 18 години, да се регистрираат здруженија чија „цел е да се добие признавање на македонското малцинство во Бугарија“ (ОМО Илинден и други против Бугарија). Во овој случај, и покрај различните преземени мерки, Агенцијата за регистрација и бугарските судови сè уште одбиваат да се усогласат со барањата на Конвенцијата. Слично како и во групата случаи „Бекир Уста против Грција“, каде што грчките судови, вклучувајќи го и Касацискиот суд, постојано и повторувачки одбиваат да го спроведат правото на слобода на здружување организации, спротивно на пресудите на Судот за човекови права и Конвенцијата, пресуди што чекаат на извршување 17 години. И покрај грчкиот амандман на законот од 2017 година, организациите апликанти сè уште не добија реституција во интегрум, главно поради пресудите издадени во 2021 и 2022 година од страна на грчкиот Касациски суд, кој утврди дека повредите се легални, врз основа на кои повеќето беа експлицитно оспорени од Европскиот суд за човекови права – рече Ефстатиу.
Нашите соговорници експерти од Стразбур во тој контекст истакнуваат дека спроведувањето на пресудите од ЕСЧП е приоритет за ПССЕ и за Советот на Европа.
– Спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) без одлагање во согласност со Конвенцијата за човекови права и целосно почитување на владеењето на правото е приоритет за ПССЕ и за Советот на Европа бидејќи се однесува на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Прашање е зошто се случува неспроведувањето на пресудите, дали поради недостиг од политичка волја или поради системски проблеми – наведуваат нашите соговорници.
Нашите соговорници се согласија дека е неопходен политички притисок врз земјите бидејќи земјите што не ги спроведуваат пресудите се потписнички на Конвенцијата.
– Земјите што не ги спроведуваат пресудите значи дека не го почитуваат Судот, па од суштинско значење е националните парламенти да инсистираат на промени и да се воведат механизми што ќе бидат функционални на национално ниво – се порачува од Стразбур.
Во Стразбур неспроведувањето на пресудите од страна на Бугарија во однос на регистрацијата на здруженијата или политичките партии на лицата што се декларираат како Македонци или сакаат да ги заштитуваат правата на македонското малцинство во земјата, веќе подолго време се наоѓа меѓу сложените случаи, за што „Нова Македонија“ редовно пишува.
Последниот одговор на Софија до Стразбур во врска со нејзиното неизвршување на пресудите на ЕСЧП за ОМО Илинден содржи безобѕирни манипулации, лаги и клевети.
Бугарската влада во својот последен одговор до Стразбур ја искористи можноста и манипулативно подметна невистини, фингирајќи одговорност на македонската држава, иако таа воопшто не е странка во случајот. Имено, Бугарија го обвини Скопје за „политизирање на прашањето“, при што безобѕирно ја наклевети Македонија за „поткопување на вредностите на Европската конвенција за човекови права“, бесрамно додавајќи во дописот до Стразбур дека „инструментализацијата од страна на Република С. Македонија за политички цели на извршувањето на пресудите на ЕСЧП е во спротивност со словото и духот на Европската конвенција за човекови права“. Ова се цитирани извадоци од дописот на Софија до Стразбур, до кој дојдовме како дописништво.
Натаму, официјална Софија клевети и импутира невистини во својот допис дека „високи функционери во Република С. Македонија, вклучувајќи и од највисоко државно и владино ниво, шират во медиумите лажни тврдења во однос на оваа група пресуди, истовремено поттикнувајќи говор на омраза и дискриминација кон Бугарите во Република С. Македонија. Имено, претседателот, премиерот, различни министри и пратеници на Република С. Македонија речиси секојдневно се осврнуваат на оваа група случаи во медиумите и меѓународните форуми на неточен и погрешен начин“, се наведува во дописот на Софија до Стразбур до кој дојде „Нова Македонија“.
– Инструментализацијата од страна на Република С. Македонија за политички цели на извршувањето на пресудите на ЕСЧП е во спротивност со словото и духот на Европската конвенција за човекови права. Тоа ги поткопува кредибилитетот и ефективноста на целиот систем на Конвенцијата и треба веднаш и безусловно да се прекине – најбезобѕирно сугерира Софија до Советот на Европа
Наскоро се навршуваат две децении од првата конечна пресуда од ЕСЧП во групата пресуди „ОМО Илинден и другите против Бугарија“.
За потсетување, наскоро ќе се навршат две децении од првата конечна пресуда од Европскиот суд за човекови права во групата пресуди „ОМО Илинден и другите против Бугарија“, односно неоправданото одбивање на бугарските судови да регистрираат здружение што бара „признавање на македонското малцинство во Бугарија“. Според секретаријатот на Комитетот на министрите на Советот на Европа, и покрај различните мерки усвоени од бугарските власти меѓу 2018 и 2024 година за подобрување на функционирањето на механизмот за регистрација, здруженијата што имаат цел „да добијат признавање на македонското малцинство“ и понатаму се редовно одбивани за регистрација од причини што се чини дека се поврзани со поширок проблем на неодобрување на нивните цели и кои предизвикуваат сериозни сомнежи во однос на капацитетот на овој механизам да обезбеди испитување на барањата на апликантите во согласност со Конвенцијата.
Седумдесет и пет години постоење на Европската конвенција за човекови права.
Годинава се одбележува 75-годишнината од усвојувањето на Европската конвенција за човекови права. Во таа перспектива Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) ги слави историјата и извонредното влијание на системот воспоставен со овој единствен инструмент. Конвенцијата и Европскиот суд за човекови права (Судот) придонесоа за промовирање на мирот на континентот, со што Судот ја доби наградата за мир во Дрезден во јануари 2025 година. Конвенцијата и Судот исто така придонесоа за консолидирање на демократијата и владеењето на правото на нашиот континент и создавање огромен правен простор во кој секој може да биде заштитен во случаите на повреда на човековите права и да се обесштети. Тие до денес го претставуваат најнапредниот наднационален систем во светот за заштита на човековите права.
Затоа ПССЕ редовно потсетува на недвосмислената обврска на државите членки на Конвенцијата да ги извршуваат пресудите на Судот навремено и ефективно. Тој понатаму нагласува дека државите членки се обврзани да ги почитуваат привремените мерки наведени од Судот, бидејќи тие се од суштинско значење за да се обезбеди ефективно спроведување на пресудите.