Уште една германска компанија на колена: Поднесе барање за стечај, сите вработени до мај ќе останат без работа
Како што најавија од компанијата и стечајниот управник Фолкер Бом, сите 180 вработени ќе бидат отпуштени.
Флабег, некогаш водечка компанија во преработка на стакло за автомобилската индустрија, веќе поднесе барање за стечај во јули 2024 година.
Компанијата произведува екрани и ретровизори за автомобили. И покрај почетната стабилизација на бизнисот и потенцијалниот инвеститор, преземањето пропадна бидејќи новото стакло за дисплеите падна на клучниот безбедносен тест.
– Без приходи од овој бизнис, економски одржливото работење на Флабег Германија веќе не е можно – изјави стечајниот управник Бом.
За ваквиот исход придонесоа и тешката состојба на пазарот во автомобилската индустрија, како и рекордниот број на големи банкротства во последниот квартал од 2024 година.
– Затоа ниту еден од потенцијалните инвеститори не е подготвен да влезе во Флабег Германија и да ги обезбеди потребните финансиски средства за продолжување на работењето – додаде Бом.
Отпуштањата ќе се спроведуваат постепено: во наредните денови 100 вработени ќе останат без работа, а останатите 80 ќе останат до мај 2025 година, со цел постепено затворање на бизнисот.
Погодена беше само германската подружница со седиште во Фурт ам Валд. Други локации во Чешка, Унгарија, Франција, Кина, САД и Бразил сè уште не се погодени.