УШТЕ ЕДНА ЅВЕЗДА ЈА НАПУШТА ЕВРОПА – Легендата на ПСЖ го напушти клубот по 11 години и кариерата ја продолжува во Катар: “Секогаш ќе бидам Парижанец!“
Италијанскиот фудбалски репрезентативец Марко Верати (30 г.) по 11 години го напушти ПСЖ, потпишувајќи договор за катарскиот Ал-Араби, објави францускиот шампион.
Марко Верати во последните 11 години го носеше дресот на парискиот клуб, а кариерата ќе ја продолжи во катарскиот клуб Ал-Араби. Долгогодишен миленик на навивачите, повеќе не е во плановите на клубот кој летово ја промени стратегијата со доаѓањето на тренерот Луис Енрике.
За ПСЖ настапи на 416 натпревари и постигна 11 голови. Освои вкупно 21 трофеј, но не и посакуваната Лига на шампиони. Од стадионот „Паркот на принцовите“ повеќе настапи од него во дресот на клубот има само Жан Марк Пилорже, кој има 435 настапи.
„Париз, клубот и неговите навивачи секогаш ќе имаат посебно место во моето срце. Секогаш ќе бидам Парижанец“, изјави Марко Верати, кој во ПСЖ пристигна во 2012 година од Пескара.
За италијанската репрезентација забележа 55 настапи, постигнувајќи три гола, а беше дел и од „златната“ екипа која ја освои европската титула во 2020 година.