Партиите имаат уште пет дена за претставување на кандидатите за градоначалници и членови на советите во општините за обезбедување поддршка во вториот круг на локалните избори. Се очекуваат и одлуки за коалициите за гласањето в недела на 2 ноември.
Изборните тимови на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата вчера беа во Брвеница каде лидерот Христијан Мицкоски, меѓу останатото, реториката на кандидатот за градоначалник од коалицијата „Вреди“, Хаќим Рамадани ја оцени како „голема грешка пред се за кандидатите за градоначалници од таа коалиција“ и најави дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поддржи неговата кандидатура.
-Замислете што ќе се случува сега во Тетово, во Струга, во Дебар и во одредени други општини. Така што, толку себичен потег од политичар во поновата историја Македонија не видела. Да влегува да мисли само за себе и својот кусоглед интерес, а притоа да ги занемари сите останати, кои што, исто така, се борат во вториот круг за градоначалнички мандат, изјави Мицкоски.
Опозициската СДСМ, како што изјави лидерот Венко Филипче, одлуката за коалиции во вториот круг ќе ја донесе до задутре. Етничката припадност, уверува Филипче, нема да биде критериум.
По истекот на рокот за пријавување на болни и немоќни лица за гласање, ноќеска завршува и рокот за пријавување на лицата во домашен притвор. Овие лица, како и затворениците и лицата во старските домови гласаат еден ден пред изборите односно на 1 ноември.
Првиот круг од локалните избори се одржа на 19 октомври и завршени се во 43 општини, додека постапката ќе се повтори во Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа каде немаше доволна излезеност.