– Најмалку 38.098 Палестинци загинаа досега во нападите на Израел врз Појасот Газа од октомври минатата година, соопшти денес Министерството за здравство во опколената енклава.
Министерството додаде дека во нападите повредени се 87.705 Палестинци.
„Во израелските напади во последните 24 часа убиени се 29 лица, а 100 се повредени“, наведе Министерството.
„Многу луѓе сè уште се наоѓаат под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив“, посочија надлежните.
Непочитувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради неговата континуирана брутална офанзива врз Газа од нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година.
Речиси девет месеци по почетокот на израелската војна, огромни делови од Газа се во урнатини, каде има и блокада на храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, чија последна пресуда му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине својата операција во Рафа, каде над милион Палестинци побараа засолниште од војната пред почетокот на копнената офанзива врз градот на 6 мај.