Уште 30 жители на Газа убиени во израелските напади, бројот на убиени Палестинци се искачи на 37.232

– Најмалку уште 30 Палестинци се убиени во израелските напади врз Појасот Газа, со што вкупниот број на убиени од 7 октомври минатата година достигна 37.232, соопшти денес Министерството за здравство во загрозената енклава, јавува Анадолу.

Министерството додаде дека околу 85.037 други лица се повредени во нападот.

„Многу тела сè уште се наоѓаат под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив“, се истакнува во соопштението.

Израел се соочи со меѓународна осуда поради неговата континуирана брутална офанзива врз Газа од нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година и покрај Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот.

Осум месеци од почетокот на израелската војна огромни делови од Газа се во урнатини, а постои и блокада за храна, чиста вода и лекови.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој со привремената пресуда во јануари му нареди да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да гарантира хуманитарна помош за цивилите во Газа.