Управата за јавни приходи денеска соопшти дека поради чувствителноста на случајот, трагедијата во Кочани, а во интерес на истрагата, нема да објавуваат дополнителни информации кои би можеле да влијаат на процесот. Истовремено, тие ги демантираат шпекулациите и информациите во јавноста кои, како што велат, не се потврдени од нивна страна. Од УЈП објаснуваат дека дискотеката „Пулс“ не била „запечатена“ во декември 2024 година, туку е казнета за прекршок. Нагласуваат и дека блокирањето на сметките и привременото прекинување на работата се различни мерки, кои се спроведуваат во согласност со различни закони.
„Го примивме овој трагичен настан со длабока загриженост и се придружуваме во изразувањето на нашето сочувство и поддршка на сите засегнати. Изразуваме длабоко сочувство до семејствата на починатите и оздравувањето на повредените.
Поради чувствителноста на случајот и во интерес на истрагата за овој трагичен настан, Управата за јавни приходи ќе се воздржи од објавување информации, за да спречи какво било влијание врз истрагата која е во тек.
Управата за јавни приходи соработува со надлежните органи за обезбедување на потребните докази и информации за потребите на истражната и кривичната постапка.
Ја користиме оваа прилика да апелираме, да не шпекулираме со информации и да не изнесуваме информации кои не се потврдени од истрагата, вклучително и информации кои произлегуваат од законските надлежности на УЈП, со оглед дека целата јавност е шокирана од овој трагичен настан.
Би ги демантирале шпекулациите во јавното мислење за обиди за политизација, како и информациите од некои медиуми кои во ниту еден момент не биле побарани да бидат потврдени од УЈП ниту пак биле дадени од УЈП. Не се точни информациите дека во декември 2024 година дискотеката „Пулс“ била „запечатена“ од УЈП, но она што можеме да го потврдиме е дека овој објект е казнет за прекршок во декември 2024 година, согласно Законот за регистрација на готовински плаќања“, велат од УЈП.