Фарса која ќе заврши со фијаско – Максим Димитриевски седна на обвинителна клупа

Кумановскиот градоначалник и претседателски кандидат ЗНАМ Максим Димитриевски на судењето пристигна навреме и со својата адвокатка и по кратко време беше прозван да влезе во судницата и да го заземе местото на обвинителната клупа по обвинение за злоупотреба на службена положба.

Во судницата поседе 15-тина минути бидејќи по барање на неговата одбрана за да се добијат доказите судењето беше одложено за 30-ти април или после првиот изборен круг на кој ќе настапи Димитриевски.

Смета дека обвинението по приватна кривиччна пријава затоа што не потпишал решение за комуналии по важечки ДУП е политичка монтажа од поранешните сопартијци за да го оцрнат во кампањата.

-Оваа фарса е во контекст на изборите и сметам дека истата ќе доживее фијаско. Во континуитет се случуваат вакви нарачки од високи политички функции од власта или во конкретниот случај луѓе од високиот лидершип на Социјал-демократски Сојуз да ги злоупотребуваат институциите на системот. И да ме доведат и мене и луѓе како мене во ваква состојба, изјави Максим Димитриевски, кумановскиот градоначалник и претседателски кандидат на ЗНАМ.

Бизнисмените кои се оштетени со постапките на градоначалникот, велат дека тој само глуми жртва и две години ги малтретира, и ги гази сите закони и судски одлуки.

-ДУП-от е донесен во 2021-ва на негов предлог и од истиот совет што е сега. Откако дознава дека ние сме тие кои имаме градежни парцели во истиот опфат, тогаш почнуваат проблемите и опструкциите. Во тој момент почнуваат сите кочници. Првин, не сакаше да продолжи постапката, па донесе една одлука на Совет. Таа одлука му ја обжаливме, Уставниот суд му ја поништи. Тој не сакаше да ги почитува, рече Бобан Спасовски, еден од бизнисмените кои го пријавија за штета кумановскиот градоначалник Димитриевски.

Со одложувањето, Димитриевски ќе добие време за изборната кампања како претседателски кандидат, неговата одбрана ќе добие увид во доказите, додека оштетените ќе ги тераат судските постапки во кумановскиот суд од која бараат во два процеси околу милион и 600 илјади евра отштета од општината поради одлуки со кои тврдат им е нанесена штета.