Денеска, на Меѓународниот ден на демократијата, се фокусираме на ЕУ интеграцијата, на итноста земјите од Западен Балкан да се стават на брзиот пат кон ЕУ. Во изминатите две децении се соочивме со многу искушенија кои ја нарушија довербата на дел од јавноста дека европската агенда еден ден ќе стане реалност. Но, најтемниот час е пред зори, а сепак ЕУ и понатаму останува наша стратешка цел, порача министерот за финансии Фатмир Бесими во воведното обраќање на Скопскиот економски и финансиски форум.
Фатмир Бесими напомена што значи од економски и финансиски аспект да се биде дел од ЕУ, кои се клучните придобивки и перспективи.
„Новите земји членки добиваат многу повеќе кохезивни фондови од она што го имале како кандидати за членство, а кохезивните фондови се двапати поголеми од ИПА фондовите. Буџетот на ЕУ за следните пет години е 11 пати повисок од оној што го имаме како кандидат со ИПА фондовите. Ние можеме да ја донесеме нашата разновидност, петприемништво“, истакна Фатмир Бесими.
Идејата на годинaшниот СЕФФ, како што кажа, е да се отвори поширока дискусија за ЕУ како наша крајна дестинација.
„Ќе се отвори поширока дебата за ЕУ перспективите, за тоа колку брзо ќе станеме дел од ЕУ. Ќе ги покриеме темите како ние можеме да придонесеме за забрзување на европската и регионалната интеграција, за подобрување на деловното опкружување за поткрепување на економскиот просперитет. Ќе поминеме низ геополитиката и политиките, како и низ глобалните трендови и можности за економијата. Во зората на подобро, европско утре, со голем број нови можности за повисок животен стандард, безбедност и перспектива за сите наши граѓани, темата на годинашната конференција е ‘Европа – ДА, Европа – СЕГА’ или поописно – Европска интеграција и економски просперитет“, потенцира министерот.
Тој потсети дека членството во ЕУ, пред сè, значи пристап до пазар со повеќе од половина милијарда потрошувачи. Тоа, нагласи, обезбедува поттикнување на раст и конвергенција.
„Од микроекономска гледна точка, многу е полесно да се постигнат економии од обем, со што се повлекуваат помали трошоци преку поголем обем на производство. Благодарение на заедничките акции, заедничката трговска стратегија, таа е високо позиционирана на глобалната трговска сцена, при што билатералните трговски договори обезбедуваат отворање нови можности за синдикатите“, вели Фатмир Бесими во обраќањето.
Моментно пред присутните се обраќа и премиерот Димитар Ковачевски, а по него излагање треба да има и еврокомесарот за буџет Јоханес Хан.