Министерот за здравство, Фатмир Меџити, најави дека во 2024 година ќе има поригорозни мерки за пушењето. Ова го кажа во тетовската болница каде присуствуваше на промоција на соба за доење, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се преземат дополнителни мерки поради интензивирање на загадувањето на воздухот и проблемите на луѓето со респираторни заболувања.
„Денес зборувавме на редовниот понеделнички колегиум со службите во Министерството. Ќе има ригорозни мерки за пушењето во идната 2024 година, а потпишан е протокол со Светска здравствена организација. Нека си ја мислат пушачите како понатаму“, вели во одговорот министерот Фатмир Меџити.
На прашањето до каде е процесот за опфаќање на сите пациенти со цистична фиброза со лекот „трикафта“, Фатмир Меџити посочи дека се работи на прагматично и сеопфатно решение.
„Овие пациенти беа вклучени од првиот ден кога јас дојдов за министер. После еден месец јас ја донесов првата „трикафта“ лекот, за тие првопланирани осум, па после 12 пациенти, нели со поевтина цена за да можеме да го зголемиме бројот на пациенти, тоа што никој не веруваше досега. Јас лично верував во себе и за толку кратко време овој проблем го решив. Така ќе постапиме, ќе треба точно да се одреди локацијата каде ќе бидат згрижени понатаму пациентите, затоа што немаше ни стручна комисија немаше ни јасни протоколи“, истакна Фатмир Меџити.
За болниците во Кичево и Штип, Фатмир Меџити повтори дека двата договори за доградба на тамошните објекти се раскинати.
„Договорот е раскинат за Кичево исто како и за болницата во Штип, поради прагматични причини за да не се дозволи да се продолжат да се влечат проблемите, поради прагматичност и ќе се пристапи кон нова постапка за реализација на овие проекти“, посочи Фатмир Меџити.
За новите вработувања во здравството, министерот кажа дека сега со нова одлука нема да зависат од Министерството за финансии. За јавните набавки за нови лифтови во тетовската Клиничка болница Фатмир Меџити посочи дека процесот е во второстепен комисија и се поништува во два наврати, а потенцираше дека има обезбедено средства за да се набават.