Фајненшл Тајмс: Поддршката за Вучиќ значително опадна, третина му веруваат, 55 отсто не

Истражувањето на јавното мислење спроведено за српската влада, до кое имал пристап „Фајненшл тајмс“, покажа дека поддршката за претседателот Александар Вучиќ значително опаднала и дека само една третина од испитаниците имаат доверба во него, додека 55 отсто немаат доверба.

Од друга страна, српските студенти кои со месеци протестираат и блокираат универзитети се поддржани од 58 отсто од испитаниците, се вели во текстот на Фајненшл тајмс „Србите пристигнаа во Белград: Време е режимот да престане“, за вчерашниот протест во Белград.

„Внатрешната анкета на јавното мислење на владата, до која дојде Фајненшл тајмс, покажува дека поддршката за Вучиќ и неговата Српска напредна партија е значително намалена: 55 отсто од испитаниците не му веруваат, додека само една третина имаат доверба во неговото раководство.”

„Студентите имаат поддршка од 58 отсто“, пишува лондонскиот весник.

Во текстот, меѓу другото, се наведува дека стотици илјади Срби протестираат против репресијата и корупцијата на Вучиќ и дека им пркосат на стравувањата од насилни мерки на властите врз демонстрантите.

Српскиот парламент е затворен, а западните амбасади во Белград ги предупредија своите граѓани на ризик од насилство, што потсетува на крајот на режимот на Слободан Милошевиќ пред 25 години, пишува лондонскиот весник.

Весникот наведува дека повеќемесечните протести станале најголемиот предизвик за Вучиќ, кого го опишува како „министер за пропаганда во времето на Милошевиќ“, но додава дека тој политички успеал да ги преживее масовните демонстрации.

„Фајненшл тајмс“, меѓу другото, ја пренесува изјавата на белградската студентка Анѓела Радојевиќ дека „се договориле дека е време режимот да заврши бидејќи само после тоа е возможен живот вреден“.