„Фајненшл Тајмс“: Србија индиректно извезла муниција за Украина вредна 800 милиони евра, Вучиќ не знае каде одат извезените гранати

„Фајненшл тајмс“ објави проценки дека Србија индиректно, преку други земји, извезла муниција во Украина во вредност од 800 милиони евра од почетокот на руската инвазија на Киев.

Проценките споделени со „Фајненшл тајмс“, за кои пишува британскиот весник во написот под наслов „Србија гледа низ прсти тоа што нејзината муниција завршува во Украина“, покажуваат дека Србија дискретно ја зголемува продажбата на муниција на Запад зајакнувјќи ја одбраната на Украина, иако е само една од двете европски земји кои не се приклучија на западните санкции против Русија.

Како што што соопшти синоќа Радио Слободна Европа (РСЕ), тој весник посочува да претседателот на Србија, Александар Вучиќ, потврдил дека информациите за вредноста на муницијата главно се точни, а продажбата ја претставил како деловна можност.

Се цитира Вучиќ дека Србија ја извезува својата муниција, дека не може да извезува во Украина или Русија, но дека има многу договори со Американците, Шпанците, Чесите и други.

-Она што тие го прават со тоа во крајна линија е нивна работа, рече Вучиќ според весникот.

Вучиќ кажа дека не знае каде одат извезените гранати и дека тоа не е негова работа, дека негова работа е да обезбеди Србија со својата муниција да работи легално и оваа муниција да се продава. Тој рече и дека Србија има пријатели и во Киев и во Москва и дека тие се браќа на Словените.

На прашањето дали бројката е приближно точна, Вучиќ рече дека се работи за заработка остварена во период од две или три години, а не за една година.

Вучиќ рече дека Србија има златна можност бидејќи нејзиното оружје е поевтино отколку на Запад и додаде дека обемот на вкупниот извоз на муниција може да се зголеми.

Според дипломати и аналитичари, учеството на Србија во извозот на муниција во Украина е доволно скриен што официјалните податоци тоа не го покажуваат.

Институт за светска економија во Киел, кој ја следи поддршката за Украина, не ги следел директно активностите на Србија и не наишол на систематски докази за придонесот на Белград, рече Кристоф Требеш, кој раководи со тие напори, пишува Фајненшл тајмс.

Весникот потсетува дека Вучиќ се спротивставил на притисокот на Западот да усвои режим на санкции против Русија и дека дозволил продолжување на руските летови за Русија, иако изјавува дека се залага за тоа Србија да стане членка на ЕУ.

-Европа и САД со години работат на оддалечување на Вучиќ од Путин, изјави за „Фајненшл тајмс“ западен дипломат, додавајќи дека клучен играч на ова е американскиот амбасадор Кристофер Хил, кој пристигна во Белград еден месец по почетокот на руската инвазија.