– Американското Федерално биро за истраги (ФБИ) денеска соопшти дека не веруваат дека уривањето на мостот во Балтимор предизвикано од судир на товарен брод е намерно и додаваат дека нема докази дека инцидентот е поврзан со тероризам.
Од бродската компанија изјавија дека непосредно пред судирот со столб од мостот именуван „Франсис Скот“, кој е долг околу три километри, испратиле сигнал за помош.
Федералните и државните власти, како Националниот борд за безбеднот во транспорот, продолжуваат со истрагата околу оваа несреќа, како и со потрага и спасување на преживеаните, бидејќи во студените води на заливот пропаднаа повеќе возила и луѓе.
Инцидентот се случи денеска околу 1:30 часот по полноќ.
-Нема специфична или кредибилна информација дека ова е поврзано со тероризам, изјави денеска на прес брифинг Вилијам Дебањо, агент на ФБИ од канцеларијата на службата во Балтимор.
Се претпоставува дека од седум до 20 возила пропаднале во водата по урувањето на мостот, а засега се уште се трага по преживеаните.
Шест лица се уште се водат како исчезнати откако главниот мост во американскиот град Балтимор во близина на Вашингтон се урна, изјави на прес-конференција државниот секретар за транспорт, Пол Видефелд.
Најмалку две лица се спасени по уривањето на мостот Френсис Скот Ки откако товарен брод удри во структурата, соопштија локалните пожарникари. Балтимор, кој се наоѓа во државата Мериленд, се наоѓа на околу 62 километри североисточно од главниот град на САД.
Едно лице е во критична состојба во болница, соопшти шефот на противпожарната служба Џејмс Валас.
Гувернерот на Мериленд, Вес Мур, прогласи вонредна состојба во американската сојузна држава по колапсот на мостот. Во моментот на судирот, работници биле на мостот и вршеле поправка на конструкцијата, рече тој, но не се знае колку луѓе имало на конструкцијата кога речиси целиот надводен дел од мостот долг 2,5 километри пропадна.
Од данската компанија Маерск која управувала со транспортот на контејнерниот брод, соопштија дека веднаш пред судирот бродот испратил сигнал за помош.
-Екипажот услеал да испрати „мејдеј“ сигнал за службите да го запрат сообраќајот на мостот, изјави претставник на компанијата.
Гувернерот на Мериленд, Вес Мур рече дека благодарение на сигналот за итни случаи, службениците успеале да го запрат сообраќајот,поради што немало повеќе автомобили да се движат по мостот. Според екипажот, имало проблем со напојувањето на бродот, потврди Мур, без да даде дополнителни детали.
Крајбрежната стража и останатите спасувачки служби продолжуваат со операцијата за спасување.