Филипините упатија протест до Кина поради агресивни активности во Јужното Кинеско Море

Филипините упатија дипломатски протест до Кина поради нејзините, како што е наведено, „агресивни активности“ во Јужното Кинеско Море, откако кинеската крајбрежна стража вчера наводно се обидела со помош на ласери да блокира филипински брод.

„Актот на агресија на Кина е вознемирувачки и разочарувачки, со оглед на тоа дека доаѓа веднаш по посетата на филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Помладиот на Кина во јануари“, рече портпаролката на филипинското Министерство за надворешни работи, Тересита Даза.

Таа додаде дека за време на посетата Маркос и кинескиот претседател Си Џинпинг се договориле дека спорните прашања на море ќе се решат со помош на дипломатија и дијалог.