Филипче: Буџетскиот дефицит е рекордни 7,8 милијарди денари

Македонската економија се движи во погрешна насока, наместо напредок гледаме продлабочување на кризата, неконтролирано трошење, пад на инвестициите и пад на животниот стандард, потенцираше на денешната конференција лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Во однос на економските параметри, Филипче истакна дека бројките покажуваат негативни резултати, што е последица на погрешните економски политики на Владата. Капиталните инвестиции и индустриското производство, кои треба да бидат двигатели на економскиот раст, бележат пад.

„Во првите два месеци од 2025 година реализацијата на капиталните инвестиции е само 2,43%. За споредба, во истиот период лани се остварени 12,1%. Сега целосно се запрени инвестициите во инфраструктурата и економскиот развој. Без капитални инвестиции нема економски раст. Јасно е дека Владата нема капацитет да исполни ниту едно ветување за модернизација и развој, иако тоа беше една од нивните главни пораки. Индустриското производство опаѓа веќе четири месеци, што е јасен показател дека економијата слабее. Во декември 2024 година падот беше 1,4%, во ноември 3,5%, во октомври 1,1%, а во септември цели 7,9%. Без силна индустрија нема економски раст и развој“, рече Филипче.

И покрај падот на капиталните инвестиции и индустриското производство, буџетскиот дефицит се продлабочува, што ќе придонесе за зголемување на и онака високиот јавен долг.

„Во првите два месеци од 2025 година буџетскиот дефицит достигна 7,8 милијарди денари. Државата троши многу повеќе отколку што собира. Владата прави опасен јаз меѓу приходите и расходите, кој ќе мора да се покрие со нов долг. Ова е рецепт за финансиски колапс. Во овој контекст, логично е дека и јавниот долг се зголемува и сега е над 70% од БДП. Владата избегнува да објавува точни бројки. Државниот часовник не работи, а Министерството за финансии молчи. Граѓаните имаат право да знаат колку навистина должиме и какви се плановите за враќање на тие долгови“, рече Филипче.