„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го понижија трудот на работниците и го спуштија животниот стандард на граѓаните. Невозможно е новиот поголем буџет за годинава од 6 милијарди евра да нема пари за покачување на платите на работниците“, изјави претседателот на Социјалдемократската лига на Македонија, Венко Филипче, кој заедно со заменик-претседателот на ОО на СДСМ Менде Илиевски, синоќа учествуваше на конференцијата за избор на претседател и членови на Извршниот и Надзорниот одбор на Општинската организација на СДСМ.
Филипче во својот говор пред присутните истакна дека ВМРО наместо да го продолжи системот за континуирано покачување на платите што го воведе владата на СДСМ, неодговорно го прекина.
„Владата целосно го напушти системот за зголемување на платите, воспоставен од СДСМ, а резултатот е влошување на животниот стандард на работниците. Граѓаните веќе го гледаат тоа јасно. СДСМ била и секогаш ќе биде на страната на работниците. Во последните седум години како Влада се соочивме со најголемите кризи во светот, невидена здравствена пандемија и економска и енергетска криза. Но, и во вакви тешки кризи, владата на СДСМ не ги заборави работниците, а платите се зголемуваа и во кризи. Континуирано работевме на подобрување на животниот стандард на граѓаните, особено на работниците. Владата на СДСМ првпат ја зголеми минималната плата во земјава за 100 отсто во однос на 2016 година, поточно на сегашните 22.567 денари, додека просечната месечна нето плата од 22.460 денари се зголеми на 42.000 денари, рече Филипче.
Тој додаде дека е срамно да се има најголем буџет, 6 милијарди евра, а да нема пари за покачување на платите.