Филипче во Брисел побара европските социјалдемократи да помогнат за проширувањето на ЕУ

Процесот на проширување на Европската Унија не е само механичко прилагодување на законите или административно исполнување на критериумите за пристапување, туку и процес од геополитичко значење. Ова го истакна претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во своето обраќање на конференцијата „Започнување на Програмата на С&Д „Вили Брант“ за проширување на ЕУ“, која се одржа во Брисел.

Филипче, во својот говор, нагласи дека во период на динамични геополитички промени, повеќе од било кога е потребна социјалдемократијата како идеологија која нуди приоритет на трансатлантската солидарност, социјалната еднаквост и демографскиот интегритет.

„Никаде оваа визија не е повитална како на Балканот и во Северна Македонија, која претставува раскрсница на европските аспирации и современата геополитичка ранливост. Затоа, потребна е сеопфатна социјалдемократска агенда за процесот на проширување. Процесот на проширување не е само механичко прилагодување на законите или административно исполнување на критериумите за пристапување, тој е прашање на надворешно политичко и геополитичко значење“, рече Филипче.

Во својот говор, Филипче нагласи дека е неопходно ПЕС и групата СД во Европскиот парламент да преземат активна улога во процесот на проширување на Европската Унија. Според Филипче, социјалдемократските партии треба да предложат целосна и амбициозна агенда која ќе го забрза процесот на интеграција, обезбедувајќи демократска стабилност и напредок во регионот.Тој подвлече дека сеашниот застој за проширување не е само техничко или административно прашање, туку има многу пошироки и опасни последици по демократскиот развој на земјите кандидатки.

„Застојот само ги зајакнува авторитарните тенденции и ги зајакнува десничарските и екстремно десничарските политички сили во нивните земји, што оди на штета на демократскиот развој на овие земји. Сега е вистинско време социјалдемократите да го засилат процесот на проширување, во кој предолго беа заложници. Ако Европа и социјалдемократите не го пополнат постоечкиот вакум, тогаш тоа ќе го сторат антидемократските и антиевропските сили“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, додавајќи дека социјалдемократските партии треба активно да ја поддржат и убрзаат агендата за проширување на ЕУ, како и да се залагаат за политики кои ќе го зајакнат демократскиот развој во регионот.

Говорејќи за евроинтеграцискиот процес во Северна Македонија, Филипче истакна дека Владата не е подготвена да го продолжи процесот, што сериозно ја загрозува иднината на државата.

„Се соочуваме со Влада во Северна Македонија која не е подготвена да продолжи со уставните измени, неопходни за започнување на преговарачките поглавја со ЕУ. Македонската влада е пример за немање стратегија, особено во однос на прогресијата на евроинтеграциите. Северна Македонија е во бизарна ситуација на таканаречено самонаметнато вето, бидејќи Владата одбива да ги спроведе потребните уставни измени за да продолжи со пристапниот процес“, изјави Филипче.

Конференцијата „Започнување на Програмата на С&Д ,,Вили Брант” за проширување на ЕУ“, во Брисел, се одржа во организација на прогресивната Алијанса на социјалисти и демократи во Европскиот Парламент.