Новата година е време на надеж, нови почетоци и време да се потсетиме на сето она што се случи во изминатата година, вели лидерот на СДСМ, Венко Филипче во новогодишниот говор и на сите граѓани им ја честита Новата 2025 година, посакувајќи му многу здравје, среќа и успех.
„2024 година беше година на предизвици за СДСМ, година во која научивме многу и решивме да свртиме нов лист. И покрај сите тешкотии станавме посилни и го отворивме патот кон иднината исполнета со посветеност и работа за сите вас“, вели Филипче во честитката.
Изборниот пораз, вели тој, не бил само предупредување, туку и поттик да се променат, да бидат подобри и подостапни за секој граѓанин.
Покажаа, вели, дека знаат да се соочат со реалноста, да извлечат поуки и да продолжат со јасна визија.
Според него, СДСМ денеска е партија со нова енергија, со раководство кое е тука да ги слушне вашите потреби и да понуди решенија.
СДСМ никогаш нема да го изгуби фокусот, нагласува, секој човек е важен, секој проблем е наш заеднички предизвик.