Филипче: Мицкоски се однесува како премиер, судија и обвинител во исто време

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓанскиот форум во Делчево остро ја критикуваше владата на ВМРО-ДПМНЕ за, како што рече, целосниот колапс на судскиот систем и разочарувањето на очекувањата на граѓаните.

„Граѓаните со нетрпение ја очекуваа долговетуваната правда и владеење на правото на ВМРО-ДПМНЕ. Но, наместо правда, видовме селективна правда, скандали со унапредувања на судии и обвинители. Само се зборува за реформи – не е донесен ниту еден закон од реформската агенда. Судскиот систем е оставен сам на себе“, изјави Филипче.

Тој остро реагираше и на политичкиот пристап на премиерот Христијан Мицкоски, за кого рече дека се однесува како премиер, судија и обвинител во исто време.

„Го слушам Мицкоски како излегува на митинзи и зборува за правда и одговорност. И знаете што е најтажно? Истото го слушнавме и пред изборите – истата реторика, истите ветувања. По локалните избори, тој рече дека лично ќе се занимава со обвинителството и судството. Значи, премиер, судија и обвинител – сè во едно. Тој ги назначува, разрешува, оценува судиите и обвинителите и на крајот одлучува дали нивната плата е заслужена или не“, рече Филипче во својот говор во Делчево.

Тој додаде дека оваа ситуација е продолжение на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, кои со години го злоупотребуваат судството за партиски интереси.