Од трибината на Социјалдемократската младина на Македонија во Струмица, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, упати остра критика до владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, велејќи дека младите не заслужуваат таква влада која им ја краде иднината.
„Младите луѓе во нашата земја не заслужуваат таква влада. Влада која ти ја одзема можноста за напредок. Влада која ти вели дека можеш да купиш диплома за да напредуваш. Влада која прави сè за да ти сугерира дека единствениот пат до успех е да имаш членска книшка од ВМРО-ДПМНЕ. Ова е срам за една демократска држава“, рече Филипче.
Лидерот на СДСМ посочи дека младите се деморализирани од системот кој нуди корупција, партизација, неправда и сиромаштија.
„Секој ден се среќавам со млади луѓе, гледам неверојатна енергија, идеи, желба за напредок. Но, во исто време гледам и тага – затоа што тука им се одзема правото на фер шанса. Постои чувство дека во Македонија не вреди да се бориш ако не си дел од партиската шема на владата.“
Филипче рече дека СДСМ е подготвена да се бори земјата да се врати на вистинскиот пат, на патот на еднакви можности, квалитетно образование, достоинствен живот за младите и европска иднина за земјата, и ги повика младите на заедничка акција.