Филипче: Не ги знам мотивите за измените на Кривичниот законик, но и тогаш и сега чувствувам дека тоа беше грешка
Во најновиот број на неделникот „Фокус“, објавено е интервју со лидерот на СДСМ Венко Филипче, кој, меѓу другото, говори и за состојбите во правосудството, откако веќе јавно призна дека измените на Кривичниот законик биле грешка.
Неодамна признавте дека сте згрешиле со измените на Кривичниот законик, со кои многу дела застареа, гонети лица добија обесштетување наместо казни, а се оневозможи и гонење на потенцијални кривични дела од финансискиот криминал на функционери од изминатиот период. Зошто сметате дека овие законски измени се грешка, со оглед дека владата на СДСМ и ДУИ ги правдаше со германско и словенечко искуство и тврдеше дека тие ќе обезбедат конфискација на незаконски стекнатиот имот? Дали сметате дека се грешка од правен аспект или тоа го сметате само поради изборниот резултат?
Не можам да кажам кои биле мотивите, зошто не сум бил дел од тој процес на креирање на тие решенија. Тоа што го реков дека биле грешка, е тоа што го чувствував тогаш и го чувствувам и сега.
Затоа и повикав веќе подготвениот текст на нов Кривичен законик, на кој се работело долго во Министерството за правда, да биде ставен на јавна расправа и час побргу да го донесеме. Не како некакво оправдување, туку затоа што тоа ни и обврска од реформската агенда со ЕУ.
Сметам, исто така, дека е погрешно да бидеме и натаму обвинувани дека тоа било направено за да се заштитат функционерите на владата на СДСМ од наводни криминали, кога токму челници од ВМРО-ДПМНЕ најмногу се офајдија од тие измени и сега се на високи функции.
Но, ако навистина имало нов Кривичен законик, зошто толку долго се чувал во фиока во Министерството за правда?
Во новиот КЗ, кој инсистирам да се донесе, има нови одредби кои ја санкционираат злоупотребата на службената положба и овластувања и тоа беше мој одговор на сите шпекулации дека е заради некаква скриена амнестија на функционерите од претходната власт. И навистина ме чуди зошто толку експресно тој мој предлог беше одбиен од премиерот Мицкоски.