Филипче: Ниеден политичар од Бугарија не може да ги навредува нашите институции

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја осуди изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи кој го нарече Мицкоски премиер „на Северна Македонија“, истакнувајќи дека таквите изјави не се во духот на демократијата и добрососедството.

„Ја осудувам изјавата, бидејќи верувам дека не е во духот на демократските вредности, не е во духот на цивилизациските вредности, ако сакате. Ниеден политичар од Бугарија не може да ги навредува нашите институции. А ова воопшто не е во духот на добрососедските односи“, рече Филипче .

Тој потсети дека ваквите провокации не се новина и дека дипломатијата на земјата има искуство и капацитет да се справи со нив.

„Многу пати во минатото, во изминатите години и децении од нашата независност, сме се соочиле со вакви ситуации, луѓе кои не негирале, луѓе кои не провоцирале, а ова се случува од деведесеттите години, и тука доаѓа до израз вештината на дипломатијата“, додаде тој.

Филипче се потсети и на пример од деведесеттите години, кога тогашниот претседател Бранко Црвенковски беше омаловажуван од меѓународните претставници, но одговорот беше работа и трпение.

„Тука ќе се вратам во деведесеттите години, да ве потсетам, во времето на тогашниот претседател Бранко Црвенковски , претседателот на Социјалистичката интернационала, Пјер Моро, рече: „Не секое племе на Балканот може да има држава“. Но, тука не треба да се нервирате, туку треба да работите. Сега сме држава, членка на НАТО“, објасни Филипче .

Тој нагласи дека истата дипломатија и трпение биле употребени за преговори за договори со Грција и Бугарија, со кои се заштитил македонскиот јазик и идентитет, како и поддршката од Бундестагот во 2023 година.

„И претходно сме се соочиле со провокации од Бугарија. Бугарите не се ништо поинакви од минатата година до сега. А во наше време, кога ги преговаравме договорите со Грција и Бугарија, имаше луѓе што провоцираа, па успеавме да имаме чист македонски јазик во договорот. Значи, тука се гледа вештината на дипломатијата“, рече Филипче