Филипче: Остро ја осудувам стратегијата на ДУИ за подигање етнички тензии
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција по повод шест месеци од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, ја осуди стратегијата на владејачките партии за користење на етничките тензии како средство за одвлекување на вниманието од реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните.
„Покрај партизацијата, во изминатите шест месеци јавниот простор е затруен со етнички теми и наративи и поделби. Стратегијата на ДУИ за подигање етнички тензии СДСМ остро ја осудува. Оваа стратегија на ДУИ впрочем најмногу од сѐ му одговара на ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити во власта,“ истакна Филипче.
Според него, овој таканаречен конфликт меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е само театар кој им служи на нивните политички агенди.
„Наводниот конфликт меѓу нив е всушност љубовната кавга која ни ја сервираат како перманентна дестабилизација. Оваа политика има само една цел, да ги оттргне граѓаните да мислат на реалните проблеми. Ќе им се полнат главите со омраза и поделби додека им се празнат џебовите од страна на власта. Ќе се отвораат стари рани и стари прашања за граѓаните да гледаат назад наместо да гледаме напред,“ рече Филипче.
СДСМ е уверена дека оваа стратегија на ширење поделби е осудена на неуспех.