Венко Филипче – актуелниот пратеник и екс министер за здравство денеска ја поднесе кандидатурата за претседател на СДСМ.
Тој истакна дека во трката влегува сам, а тимот ќе го создава по изборот за претседател, доколку ја добие довербата.
Посочи дека членството, резултатите ќе ги види многу рано.
– Овие изборни резултати партијата на некој начин ја клекнаа на колена. Некој го поставува прашањето дали СДСМ ќе опстои, а јас цврсто верувам дека не само што СДСМ ќе опстои, туку повторно ќе биде победничка партија – рече Филипче.
Очекува голема поддршка од членството, а посочи дека во програмата која ја поднесува заедно со кандидатурата напишани се основните постулати по кои ќе работи, посветено, професионално и со целата своја енергија и знаење.
– Програмата се темели на информации, сугестии, барања кои ги слушнав од огромниот број на наши членови со кои имав чести средби два-три изминатите месеци. Тие јасно укажаа што е тоа што сакаат да се промени во партијата и токму тоа е ставено во таа програма. Партијата ќе работи целосно посветено и многу попрофесионално, рече Филипче.