Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, престојува во посета на Брисел, каде што учествува на конференцијата „Почеток на програмата Вили Брант С&Д за проширување на ЕУ“, што се одржа во Брисел, се наведува во соопштението на СДСМ.
Филипче за МИА изјави дека евроинтеграциите во моментов се целосно закочени за Македонија и тоа е резултат на незаинтересираноста на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„За жал, чувството кога седиме на вакви состаноци е големо разочарување. Гледаме како околните земји кажуваат и објаснуваат како напредуваат, гледаме што прави Албанија, со која до пред неколку месеци чекоревме паралелно на европскиот пат. Сега имаат конкретен план да ги завршат преговорите до Божиќ 2027 година и да станат членка на ЕУ до 2030 година“, рече Филипче.
Според него, Владата нема ниту идеја ниту волја да направи конкретен исчекор.
„За жал, сега не можеме да се пофалиме со ништо, заглавени сме во државата. Оваа влада нема ниту идеја, ниту желба да направи чекор напред во евроинтеграциите. Јасно е што треба да се направи, меѓународните договори мора да се почитуваат, но веќе никој не верува на слатките зборови на владините претставници. На сите им е јасно дека Македонија не може да оди напред со оваа Влада, нема желба.”
Филипче предупреди дека времето не работи во корист на Македонија и дека секој ден заостанување зад регионот ја комплицира иднината.