Филипче со поддршка за барањата на приватните специјализанти: Од нивната работа зависи здравјето на граѓаните и денес и во иднина

Поранешниот министер за здравство Венко Филипче ги поддржа приватните специјализанти во нивните барања откако тие најавија протест за повисоки примања. Тој во Фејсбук пост вели дека обезбедувањето на плата за приватните специјализанти за прв пат во историјата, е плод на неговата соработка со нив додека бил министер. Филипче истакна дека одлуките за нивните права мора да се носат во инклузивен процес во соработка со нив и во иднина.

„Обезбедувањето на плата за приватните специјализанти за прв пат во историјата, беше плод на мојата соработка со нив додека бев министер. Одлуките за нивните права и барања секогаш ги носевме заедно во еден инклузивен процес. Тоа така мора да продолжи и во иднина“ – пишува Филипче.

Тој вели дека платите на специјализантите мора да бидат во согласност со растот на платите на лекарите и дека специјализантите го бараат само она што го заслужуваат. Во својата објава тој сподели и фотографија каде заедно со специјализантите изведува операција, велејќи дека од нив зависи здравјето на граѓните денес но и во иднина.

„Клучно за развојот на сите млади лекари е да им пренесуваме знаење. Но, тоа не е доволно, потребно е тие да бидат соодветно платени за својот труд. Од нивната работа зависи здравјето на граѓаните и денес и во иднина“ – завршува Филипче.