Филипче: Сребреница засекогаш ќе остане симбол на опасноста од поделби и омраза

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денес испрати порака по повод 30-годишнината од геноцидот во Сребреница , во која им оддаде почит на жртвите и нагласи дека ова злосторство засекогаш ќе остане предупредување за светот.

„Денес се навршуваат 30 години од ужасниот злостор во Сребреница , кога во јули 1995 година, над 8.000 невини луѓе беа убиени во еден од најголемите геноциди во европската историја по Втората светска војна“, рече Филипче .

Тој нагласи дека ова злосторство против човештвото не само што го шокира светот, туку ги потресе и темелите на човечкото достоинство.

„Геноцидот во Сребреница ќе остане врежан во меморијата како еден од најмрачните моменти во историјата, потсетник на ужасите од војната и опасноста од екстремен национализам што слободниот и демократски свет засекогаш ќе го осудува“, нагласи лидерот на СДСМ.

Филипче , исто така, упати апел за иднината: да се запамети, да се осуди омразата и насилството и да се изгради општество на соживот и безбедност за сите.

„На овој ден, да им оддадеме почит на жртвите, да се сетиме и никогаш да не дозволиме да се повтори таков геноцид. Да ги осудиме сите форми на насилство и нетолеранција и да изградиме свет во кој луѓето ќе живеат без страв од омраза и поделби“, рече Филипче .