Втор ден инспекторите од Управата за финансиска полиција ја собираат документацијата за новогодишното украсување на Скопје од 30 илјади евра. Директорот на Управата, Горан Иванов, во куса изјава за „Макфакс“ вели дека увидот сè уште не е завршен.
„Сè уште сме во процес на обезбедување на документацијата“, изјави директорот Иванов за „Макфакс“.
Инспектори од Управата за финансиска полиција вчера влегоа во Град Скопје за да го побараат јавниот повик на кој била избрана компанија, која за 30 илјади евра го украсува Скопје, а кој не е достапен за јавноста и медиумите.
По многубројните забелешки дека Управата за финансиска полиција оди во контрола во Град Скопје најавена три дена претходно, директорот Иванов рече дека кога ќе заврши увидот, ќе даде објаснување за нивното постапување. Финансиската полиција минатата недела најави дека ќе влезе во Град Скопје за новогодишното украсување откако Обвинителството ја прозва градоначалничката и посочи дека доколку Управата не преземе мерки, тие ќе отворат предмет за да утврдат како се потрошени 30 илјади евра за новогодишно украсување на Скопје.
И градоначалничката Данела Арсовска молчи по инспекцијата на Финансиската полиција. Таа не одговара на прашањата поставени од „Макфакс“ во врска со новогодишното украсување. Молчеше за медиумите и вчера, но на „Фејсбук“ објави фотографија како игра шах со Дедо Мраз и напиша: „во исчекување на резултатите од истрагата за елката“.