Финансиска полиција со кривична пријава против пет лица и една банка за одобрени 36 еко кредити врз основа на лажни профактури
Управата за финансиска полиција до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против пет физички лица поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злоупотреба на службена положба и овластување по член 353 и измама на штета на средствата на Европската заедница по член 249-а и Несовесно работење во служба по член 353-в и против едно правно лице – деловна банка поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело Измама на средства на Европската заедница почлен 249-а став од Кривичниот Законик на Република Северна Македонија.
Пријавените физички лица спротивно на кредитната политика, без знаење на кредитобарателите, со намера да ги искористат средствата кои потекнуваат од кредитната линија наменета за зголемување на енергетската ефикасност во Република Македонија и намалување на потрошувачката на енергија и емисиите на CO2 обезбедена од GGF, Green for Growth Fund основан како јавно – приватно партнерство од страна на Развојната банка KfW на Германија и Европскиот инвестициски фонд, во прилог на поднесените барања за одобрување на еко кредити изготвиле и приложиле про-фактури со невистинита содржина, како кредитобарателите да вршат набавка на демит фасада од правно лице од Битола, иако знаеле дека паричните средства ќе бидат искористени за лични цели на кредитобарателите. Потоа врз основа на решенија за одобрување на кредитни барања биле склучени 36 договори за еко кредити, на кој начин биле исплатени девизни средства во вкупен износ од 15.449.023 денари.