Финн, Германец кој живее во Скопје: „Евтин авионски лет ме доведе во Македонија – се заљубив во земјата и се преселив тука“

„Татко ми работи како доктор во ординација во близина на Базел и го посетиле неколку Македонци. Кога им кажал дека син му се преселил во Македонија, биле воодушевени и го поканиле кај нивните семејства во Македонија, плус ја препорачале неговата ординација на други македонски иселеници, ете затоа ги обожавам Македонците!“, вели Финн Ваттчов (23), на кој Македонија му стана дом и кој за CRNOBELO.com вели дека сака да живее тука до крајот на животот.

Финн Ваттчов (23) е менаџер за маркетинг на социјалните медиуми, роден во Фрајбург на Брајсгау (Freiburg im Breisgau) во Германија, а на кој Македонија му е дом веќе две години.

За нашата држава тој вели дека е најубавата земја што некогаш ја посетил и во која веднаш се почувствувал како дома. Дури си замислува како тука еден ден ќе изгради куќа и ќе основа семејство.