Финска продолжува да ги држи затворени граничните точки со Русија уште еден месец

Финска ќе го продолжи затворањето на својата источна граница со Русија за уште еден месец бидејќи се сомнева дека Москва се обидува да ја поткопа безбедноста на оваа нордиска земја испраќајќи мигранти без документи преку границата.

Ова го соопшти министерката за внатрешни работи Мари Рантанен од крајнодесничарската Финска партија на прес-конференција во Хелсинки во четвртокот попладне, пишуваат странските медиуми, пренесува Телеграф.

Финска ја затвори границата кон крајот на минатата година, откако 1.300 мигранти без соодветна документација или виза поминаа од септември – невообичаено висока бројка, само неколку месеци откако Финска се приклучи на НАТО.

Финска ја обвини Русија дека се обидува да ги протера мигрантите преку нејзината нормално добро контролирана граница.

Кремљ ги отфрли обвинувањата и вели дека „жали поради затворањето на финската граница“.

Последното затворање ќе трае до 11 февруари.