Словачка ќе го поддржи 18-тиот пакет санкции на Европската Унија (ЕУ) против Русија, изјави словачкиот премиер Роберт Фицо, откако санкциите беа ставени на чекање поради неподготвеноста на Словачка да ги поддржи.
Фицо изјави дека Словачка постигнала најмногу што може во моментов, откако постојано ги блокира санкциите на ЕУ, барајќи гаранции за потенцијалната штета за земјата поради планот на Унијата да го прекине увозот на гас од Русија од 2028 година.
„Во овој момент, би било контрапродуктивно да се продолжи со блокирање на 18-тиот пакет санкции“, рече Фицо во видео порака објавена на Фејсбук.
Денеа е состанокот на амбасадорите
Амбасадорите од земјите-членки на ЕУ ќе се состанат за да ги одобрат новите санкции, изјавија европски дипломати за Ројтерс.
Во јуни, Европската комисија го предложи 18-тиот пакет санкции против Русија, кој главно ги таргетира руските приходи од продажба на енергија и банкарскиот сектор.
Предлогот, меѓу другото, вклучува забрана за трансакции со гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ и намалување на максималната цена по која може да се продава руска нафта, од 60 на 45 долари за барел.
Словачка доби концесии
Словачка неколку пати стави вето на пакетот со цел да се обиде да добие отстапки во посебен план за постепено укинување на увозот на руска нафта и гас, на кој, за разлика од санкциите, не му е потребна едногласна поддршка од земјите на ЕУ, пишува Ројтерс.
Агенцијата забележува дека земјата продолжува да увезува руска енергија, вклучително и гас според договор што важи до 2034 година, и често зазема проруски позиции во врска со војната во Украина.
Фицо во вторникот изјави дека Словачка добила гаранции од Комисијата за помош во случај на потенцијален недостиг на гас или скокови на цените и транзитните такси, како и помош во спорови околу потенцијални барања за отштета од рускиот добавувач „Газпром“.
Малта, исто така, претходно изрази резерви во врска со предложеното ограничување на цените на руската нафта, но владата во четвртокот навечер изјави дека ќе поддржи нови санкции во петок, изјавија европски дипломати за Ројтерс.