Водечката политичка група во Европската Унија (ЕУ), Европската народна партија (ЕПП), денеска ја поддржа претседателката на Европската Комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен за втор мандат на позицијата, пренесува „Ројтерс“.
Претставници на ЕПП, на конгресот во Букурешт, гласаа со 400 гласа „за“ и 89 „против“ за Урсула Фон дер Лајен да остане уште пет години на чело на ЕК, на една од највисоките функции во ЕУ. За тоа, сепак, ќе се одлучува на парламентарните избори во јуни.
Фон дер Лајен, како единствена кандидатка на ЕПП за функцијата во ЕК, и треба апсолутно мнозинство за победа. Како клучни предизвици за ЕУ ги наведе војните во Украина и во Газа, како и зајакнувањето на Кина, јавува „Ројтерс“.
За време на партискиот собир во Букурешт, таа истакна дека пријателите на рускиот претседател Владимир Путин повторно се обидуваат да испишат европска историја и да ја одземат нејзината иднина.
„Нашата мирна и слободна Европа е соочена со досега невидени предизвици од популисти, националисти и демагози кои сакаат да ги уништат нашите вредности и Европа“, порача Фон дер Лајен.
Таа вети подобрување на европската економија, сузбивање на криумчарењето на илегални мигранти во ЕУ, зајакнување на конкурентноста и поддршка на земјоделците како што ќе растат трошоците за живот, како и повеќе финансиска и воена помош за Украина, пренесе „Ројтерс“.