Фон дер Лајен: Израел има право да се брани, Иран е најголемиот извор на регионални конфликти

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека во телефонски разговор вчера му рекла на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека дипломатијата е најдоброто „долгорочно“ решение за конфликтот со Иран.

Сепак, фон дер Лајен не повика на итен прекин на огнот, велејќи дека „Иран дефинитивно не треба да има нуклеарно оружје“.

„Секако, мислам дека преговорите се, на долг рок, најдоброто решение“, додаде таа.

Таа рече дека „Израел има право да се брани“, но нагласи дека дипломатското решение е најдобрата опција на долг рок за решавање на нуклеарната програма на Иран.

„Иран е главен извор на регионална нестабилност и отсекогаш сме биле многу јасни – Иран никогаш не смее да има нуклеарно оружје“, рече фон дер Лајен.

Таа додаде дека неодамнешните настани покажаа растечка поврзаност помеѓу конфликтите во Европа од една страна и Блискиот Исток од друга страна.

„Истиот тип ирански беспилотни летала и балистички ракети ги погодуваат градовите и во Украина и во Израел“, додаде таа.

Лидерите на Г7 се собраа во Канада на тридневен самит што се одржува во сенка на опасната воена ескалација меѓу Израел и Иран, која би можела да ескалира во поширок регионален конфликт.

Покрај тензиите на Блискиот Исток, лидерите денес ќе разговараат и за војната во Украина, глобалните трговски спорови, миграцијата и обезбедувањето пристап до ретки минерали.

„Треба да извршиме поголем притисок врз Русија за да гарантира вистинско примирје, да ја доведеме Русија на преговарачка маса и да ја завршиме оваа војна, а санкциите се клучни за таа цел“, изјави Фон дер Лајен на прес-конференција пред состанокот на Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД што започнува во понеделник.