Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска ја повика Кина да понуди решение со преговори за проблемите предизвикани од големите увозни царини воведени од американскиот претседател Доналд Трамп.
– Во телефонски разговор со кинескиот премиер Ли Кианг, Урсула фон дер Лајен ја нагласи одговорноста на Европа и Кина, како два најголеми пазари во светот, да поддржат силен, реформиран трговски систем, слободен, фер и заснован на еднакви услови – соопштија од кабинетот на претседателот на Европската комисија, пренесува Ројтерс.
Фон дер Лајен и Ли разговараа за воспоставување механизам за следење на можното пренасочување на трговијата, бидејќи ЕУ стравува дека Кина ќе го пренасочи евтиниот извоз од САД во Европа, објави канцеларијата на фон дер Лајен.