Фон дер Лајен: Ќе се сретнам со Трамп во недела

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес изјави дека во недела ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп за да разговара за трговските односи меѓу Европската унија и САД.

„По квалитетен разговор со американскиот претседател, се согласивме да се сретнеме во Шкотска во недела за да разговараме за трансатлантските трговски односи и како можеме да ги одржиме силни“, напиша фон дер Лајен на Х.

Трамп рече дека шансите се 50-50 или можеби помалку дека Соединетите Држави ќе преговараат за трговски договор со Европската Унија.

Европската комисија во четвртокот изјави дека е можно да се постигне договор со САД преку преговори, иако членките на ЕУ гласаа за одобрување на контратарифи за американска стока во вредност од 93 милијарди евра во случај преговорите да пропаднат.

Трамп треба да пристигне во Шкотска во петок навечер, а Белата куќа претходно објави дека нема закажани јавни настани за сабота или недела. Вашингтон ѝ се заканува на ЕУ со дополнителни царини од 30 проценти, а крајниот рок на Трамп за евентуален договор е 1 август.