ФОТОГАЛЕРИЈА | Илјадници луѓе се собраа на плоштадот ‘Св.Петар’ – Ден по напуштањето на болницата, папата Франциско ја водеше службата за ‘Цветници’ и им се обрати на верниците: “Благодарам…“
Папата Франциско ја водеше богослужбата за празникот „Цветници“ во неделата, еден ден откако беше пуштен од болница по инфекцијата со бронхитис, повикувајќи го светот повеќе да се грижи за сиромашните, осамените и немоќните.
Илјадници луѓе се собраа и мавтаа со маслинови гранчиња додека папата Франциско пристигна на плоштадот „Свети Петар“ со бело возило со отворен кров, пред службата која траеше два часа.
„Ви благодариме за вашето учество и за вашите молитви кои се интензивираа овие неколку дена. Ви благодариме“, изјави тој на крајот од службата, очигледно осврнувајќи се на неговата неодамнешна болест.
Насмеаниот папа (86 г.) во саботата по три дена ја напушти римската болница и им кажа на толпата дека ќе ја предводи службата за празникот „Цветници“, по што ќе следи молитвата „Ангел Господов“.
Пред Франциско е важна недела во која Римокатоличката црква се подготвува за најважниот датум во својот календар, „Велигденската недела“ која започнува на 9. април, ќе биде одбележана со серија церемонии, служби и поворки.
Ватикан објави дека Папата ќе учествува на низа велигденски настани во текот на неделата.
На „Цветници“, облечен во црвена облека, Франциско зборуваше со толпата со тивок, но јасен глас. Полицијата проценува дека на службата присуствувале 60.000 луѓе. Папата седеше во поголемиот дел од службата, но на крајот стана да даде благослов.
Тој во својата проповед ги повика верниците да не ги занемаруваат оние кои минуваат низ големи страдања и осаменост.
„Исто така ми треба Исус да ме гали, да ми се приближи и затоа одам да го сретнам меѓу напуштените, осамените“, порача 86-годишниот аргентински папа.
„Денес нивниот број е огромен. Цели народи се експлоатирани и напуштени, сиромашните живеат на нашите улици, мигрантите веќе не се лица туку бројки, се откажуваме од затворениците, луѓето се отпишуваат како проблеми“, вели тој.
На крајот од службата, тој потсети на „настраданиот народ на Украина“ и ги повика верниците да се молат за крај на војната.
Поглаварот на 1,3 милијарди католици во светот, кои ја одбележаа 10-годишнината од неговиот понтификат во март, страдаше од влошени здравствени проблеми во последниве години, вклучително и проблеми со коленото кои го принудија да користи инвалидска количка и да оди со помош на бастун.
На крајот од службата, тој десетина минути се движеше со својот автомобил низ плоштадот, насмеан и мавтајќи им на насобраните.