Пекинг повторно строго ги предупредува САД: “Престанете да се мешате во работите на Хонг Конг и внатрешните работи на Кина во било каква форма!“

Канцеларијата на комесарот на Министерството за надворешни работи на Кина во специјалниот административен регион Хонг Конг ги повика Соединетите Американски Држави (САД) да престанат да се мешаат во работите на Хонг Конг и во внатрешните работи на Кина во која било форма.

Ова го изјави портпаролот на таа канцеларија во саботата како одговор на извештајот за Хонг Конг објавен од американската Влада, но и како одговор на изјавата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен, објавена денеска од Меѓународното кинеско радио.

Портпаролот истакна дека американската Влада и Блинкен ја дискредитирале успешната практика на политиката „една земја, два системи“, законот за национална безбедност и новиот изборен систем на Хонг Конг и го критикуваат владеењето на правото, демократијата, слободата и човековите права во Хонг Конг.

Тие, исто така, се мешале во работите на Хонг Конг и внатрешните работи на Кина и ги прекршиле принципите на меѓународното право и основните норми кои ги регулираат меѓународните односи“, изјави портпаролот.

Според него, кинеската Влада отсекогаш целосно го спроведувала принципот „една земја, два системи“, а жителите на Хонг Конг управуваат со градот со висок степен на автономија.

Портпаролот соопшти дека фактите докажуваат дека Законот за национална безбедност ги штити просперитетот и стабилноста на Хонг Конг и безбедноста на земјата и дека добил широка јавна поддршка.

Никој нема привилегија да биде над законот, а правата и слободите не смеат да му наштетат на јавниот интерес“, нагласи портпаролот.

Според него, владеењето на правото и независноста на судството во Хонг Конг се уставно загарантирани, а полицијата и судството постапуваат строго во согласност со законот.

Портпаролот нагласи дека Хонг Конг е дел од Кина и дека кинеската Влада е целосно посветена на заштитата на националниот суверенитет и безбедност и дека сите Кинези, вклучително и сонародниците во Хонг Конг, се решени да се спротивстават на политиката на моќ и странското мешање.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во петокот ја осуди Кина за поткопување на независноста на судовите во Хонг Конг.

Ентони Блинкен

Стејт департментот во новиот годишен извештај соопшти дека властите во Хонг Конг продолжиле да го спроведуваат Законот за национална безбедност наметнат од Пекинг во 2020 година за да го поткопа владеењето на правото.

Официјалните лица продолжија да апсат и гонат луѓе за мирно политичко изразување на критики кон локалните и централните власти, вклучително и објавување и проследување објави на социјалните мрежи“, се вели во извештајот.

Соединетите Американски Држави претходно ја фокусираа критиката на Кина на потиснување на слободата на говорот и негирање на правото на жителите на Хонг Конг слободно да го изберат својот лидер.